ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО БОРБАТА ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: Полицијата ќе може веднаш да го отстрани насилникот од домот

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО БОРБАТА ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: Полицијата ќе може веднаш да го отстрани насилникот од домот

Полицијата во Македонија би можела да добие нови овластувања за итна заштита на жртвите на семејно насилство, со кои при интервенција ќе може веднаш да го отстрани пријавениот насилник од домот, без претходна судска одлука.

Ова е предвидено со предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени во Собранието по скратена постапка.

Според предлогот, доколку полицаецот процени дека постои непосредна опасност за жртвата или нејзиното семејство, ќе може да издаде усна наредба за отстранување од домот со важност од 48 часа.

Пријавеното лице ќе мора веднаш да го напушти живеалиштето и да ги предаде клучевите. Доколку одбие, полицијата ќе може принудно да го отстрани.

Дополнително, ќе може да се изрече забрана за приближување на помалку од 100 метри од местата каде што жртвата живее, работи или престојува, како и забрана за комуникација.

Мерките ќе може да се применуваат и без согласност на жртвата, независно од тоа дали е поднесена кривична пријава.

Полицаецот ќе биде должен во рок од шест часа да достави писмена наредба, а за случајот веднаш да ги извести судот и Центарот за социјална работа.

Судот потоа ќе одлучува дали мерката ќе продолжи, при што нејзиното времетраење ќе може да биде до 30 дена.

Предложените измени предвидуваат и можност за електронско следење преку алки, како и дополнителна заштита на децата преку ограничување на контактите со сторителот.

Целта е побрза реакција на институциите, спречување повторно насилство и поголема безбедност на жртвите.

Важно е дека станува збор за предложени законски измени, кои сè уште не се усвоени и не се применуваат.