ПРВ.мк
Свет

ТОТАЛЕН КОЛАПС НА АВИОСООБРАЌАЈОТ ВО САД: Забрането полетување на авионите низ целата земја

ТОТАЛЕН КОЛАПС НА АВИОСООБРАЌАЈОТ ВО САД: Забрането полетување на авионите низ целата земја

Голем технички дефект предизвика сериозен хаос во авионскиот сообраќај низ Соединетите Американски Држави, откако Федералната управа за воздухопловство (FAA) нареди привремено запирање на сите полетувања на национално ниво.

Одлуката беше донесена во петокот, на 13 ноември, поради сериозни проблеми со комуникациските системи на контролата на летање.

Според американските медиуми, дефектот ги погодил комуникациите во 22 регионални центри за контрола на воздушниот сообраќај, поради што надлежните одлучиле да воведат итни безбедносни мерки.

Првично биле запрени полетувањата на двата големи аеродрома во Чикаго, „О'Хара“ и „Мидвеј“, но набргу ограничувањето било проширено на целата земја.

Од FAA соопштиле дека мерката е воведена поради вонредни околности и безбедносни причини.

Авионите што веќе се наоѓале во воздух можеле да го продолжат летот и да слетаат, додека новите полетувања биле привремено забранети. За меѓународните летови што пристигнуваат во САД било предвидено поединечно одлучување.

Последиците од прекинот почнале да се чувствуваат и надвор од Америка, а пријавени се и нарушувања на трансатлантските летови.

Американскиот министер за транспорт Шон Дафи потврди дека техничките екипи работат на откривање и отстранување на дефектот.

Засега не е утврдена точната причина за проблемите.

Сличен прекин на национално ниво се случи во јануари 2023 година, кога дефект во системот за известување на пилотите предизвика привремено запирање на полетувањата.

Патниците се советуваат пред тргнување кон аеродром да го проверат статусот на својот лет директно кај авиокомпанијата.