Голем скандал ја потресе Србија, откако беа уапсени уште седум полициски службеници поради сомневања за вмешаност во смртта на Далибор Драгијевиќ, кој почина во полициски притвор за време на истрагата за исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ.
Апсењата ги извршиле припадници на Секторот за внатрешна контрола на српското МВР, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Ниш.
Станува збор за седуммина службеници од Полициската управа во Бор, меѓу кои има и раководни лица од полициските служби.
Претходно, на почетокот на ноември, биле уапсени уште осум сегашни и поранешни полициски службеници, со што бројот на приведени во рамките на истрагата достигна 15 лица.
Далибор Драгијевиќ бил приведен во април 2024 година под сомнение дека му помогнал на својот брат Дејан Драгијевиќ да го сокрие телото на исчезнатото девојче.
Меѓутоа, Далибор починал додека бил задржан во полицијата.
Првично, српското МВР соопштило дека смртта настапила поради кардиоваскуларни проблеми.
Сепак, според објавените информации, обдукцијата покажала бројни телесни повреди, што отворило сомневања дека бил физички малтретиран за време на полициското испрашување.
Случајот дополнително ја усложнува истрагата за исчезнувањето на малата Данка Илиќ, која исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, во близина на Бор.
За нејзиното наводно убиство се обвинети Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, кои првично дале признанија, но подоцна ги повлекле, тврдејќи дека биле изнудени со тепање.
Телото на девојчето сè уште не е пронајдено, а судската постапка против обвинетите е во тек.
Истрагата за смртта на Далибор треба да ја утврди индивидуалната кривична одговорност на осомничените полициски службеници.









