Трагичната смрт на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб поттикна нови потресни сведоштва во хрватската јавност.
Познатиот инфлуенсер и пејач Марко Куцурин (25) јавно проговори за својата покојна мајка Сања, која во 2021 година била пациентка во истата психијатриска установа.
Куцурин преку емотивна објава на социјалните мрежи откри дека со години носи болни спомени и неодговорени прашања поврзани со лекувањето на неговата мајка.
Таа по престојот во психијатриската болница починала на одделот за инфектологија.
„Мојата мајка во 2021 година беше пациентка токму во оваа болница. Таму лежеше, а потоа нè напушти на инфектологија. Нам ни останаа илјада прашања“, напиша Куцурин.
Тој најави дека првпат јавно ќе проговори за сите околности што, според него, останале неразјаснети.
„Никогаш нема да им простам на вработените за сè што се случи таму“, порача пејачот.
Куцурин откри дека имал само 20 години кога останал без мајка и дека тогаш немал сила јавно да зборува за трагедијата.
Смртта на Кристијан, како што вели, го поттикнала да ја прекине тишината и да побара одговори.
Тој ги повика граѓаните на мирен собир на Цветниот плоштад во Загреб, на 14 ноември во 12 часот, каде што со осум минути молчење ќе им биде оддадена почит на починатите пациенти.
Во објавеното видео, Куцурин се појавува со бела лента преку устата на која пишува „Доста е!“.
Нагласи дека не го прави ова само за својата мајка, туку и за сите лица со психички заболувања кои се плашат јавно да проговорат.
Засега не се објавени докази што би потврдиле евентуална одговорност на болничкиот персонал за смртта на неговата мајка.









