ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА МОДЕРНИЗАЦИЈА НА МВР: Тошковски најави дигитален систем што ќе го замени рачното запишување во тефтери

ГОЛЕМА МОДЕРНИЗАЦИЈА НА МВР: Тошковски најави дигитален систем што ќе го замени рачното запишување во тефтери

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави значителна дигитализација на полициското работење, откривајќи дека и во 2026 година голем дел од кривичните дела во Македонија сè уште се евидентираат рачно, во тефтери и книги.

На брифинг со новинарите, Тошковски посочи дека во МВР во моментов се користат дури 36 различни евиденции, додека претходно нивниот број изнесувал околу 70.

„Дали знаете како се запишува и евидентира кривично-правен настан во Македонија во 2026 година? Со тефтер“, истакна министерот.

Тој објасни дека при пријавување едно кривично дело, полициските службеници честопати мораат повеќепати да ги внесуваат истите лични податоци во различни книги.

Како пример го посочи семејното насилство, каде што податоците за еден настан може да се запишуваат во посебни евиденции за кривични дела, семејно насилство, телесни повреди и присуство на малолетници.

Тошковски откри дека при преземањето на функцијата затекнал систем во кој документацијата се чувала во архивски ормани, а службениците морале рачно да ги пребаруваат потребните информации.

Според него, Министерството повеќе од две години интензивно работи на дигитализација на полициските процеси.

„Сосема е легитимно прашањето што правевте последните две години? Ќе кажам: Работевме на дигитализацијата. И сè уште работиме“, порача министерот.

Со новиот систем се предвидува електронско внесување и обработка на податоците, со што треба значително да се намали административната работа и да се забрза постапувањето по пријавите на граѓаните.

Тошковски очекува во наредните три до четири месеци да бидат видливи конкретни резултати од проектот.

Целта е МВР во 2027 година да располага со помодерни дигитални решенија, кои ќе овозможат побрзо, поефикасно и поедноставно полициско работење.

Најнови вести