ПРВ.мк
Македонија

ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА ЗА СИТЕ ДОМАЌИНСТВА: Владата најавува мерки против големото поскапување на струјата и греењето

ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА ЗА СИТЕ ДОМАЌИНСТВА: Владата најавува мерки против големото поскапување на струјата и греењето

Државната компанија ЕСМ нема да бара зголемување на цената на електричната енергија што ја продава на ЕВН Хоум, а Владата подготвува дополнителни мерки за заштита на граѓаните од евентуално поскапување на струјата и парното греење.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ЕСМ ќе ја задржи досегашната цена од 65 евра за мегават-час, со цел да се избегне дополнителен финансиски притисок врз домаќинствата.

„Направивме еден бизнис план со кој нема да бараме покачување на цената на струјата. Производот ќе биде по иста цена“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, новиот финансиски модел треба да овозможи стабилно работење на ЕСМ, а компанијата да ја заврши 2027 година со позитивен финансиски резултат.

Сепак, задржувањето на цената од ЕСМ не значи автоматски дека сметките за струја на граѓаните ќе останат непроменети.

Конечната цена ќе зависи и од трошоците и барањата на останатите енергетски компании, како и од одлуките на Регулаторната комисија за енергетика.

Мицкоски предупреди дека европските енергетски пазари се соочуваат со сериозни предизвици. Според неговите информации, цената на електричната енергија достигнала 400 евра за мегават-час, додека природниот гас надминал 90 евра.

Владата разгледува и можности за интервенции кај цената на парното греење, со цел да се спречи поголем удар врз семејните буџети.

Граѓаните на Скопје кои користат централно греење веќе плаќаат повисоки сметки од 1 август, по претходно одобреното поскапување од 3,6 до речиси 6 проценти, зависно од операторот.

Засега нема конечна одлука за нови цени на струјата и парното, но Владата најавува дека ќе настојува евентуалното поскапување да биде што помало.

Најнови вести