ПРВ.мк
Свет

„ДЕЧИЊАТА ЌЕ УМИРААТ ОД СТУД“ Како да не им беа доста неволјите, врз нив се струполи нова мака – се бројат мртвите!

„ДЕЧИЊАТА ЌЕ УМИРААТ ОД СТУД“ Како да не им беа доста неволјите, врз нив се струполи нова мака – се бројат мртвите!

Ако постои најлошо место за живеење во светот во овој момент, тогаш тоа е Појасот Газа. Жени и деца настрадаа во поплавите додека беа во шаторите кои им се единствен дом откако во војната со Израел во оваа палестинска енклава куќите и становите им беа срамнети со земја. Настрадаа при обрушување на песочни карпи врз шаторите по тој потоп; во напад врз болница иако војната формално е завршена пред повеќе од една година. И сето тоа се случи за помалку од една недела.

Десетици илјади Палестинци останаа да живеат во натопени и оштетени шатори по смртоносното невреме што ја погоди енклавата изминатиот викенд. За тоа време, 150.000 засолништа стојат пред Газа бидејќи Израел сè уште не одобрил нивно доставување, соопштија хуманитарните агенции, пренесе британски „Гардијан“.

Канализацијата се излева во шаторите Најмалку четири палестински деца и една жена загинаа додека обилните дождови и силниот ветер удираа во трошните, дупнати шатори. Илјадници луѓе останаа без никакво засолниште, а санитарната инфраструктура е уништена, па канализацијата се излева директно во шаторите.

  • Сета облека ни е целосно мокра. Сите деца ми се болни, а немам пари да им купам нова облека. Срцето ми се кине додека ги гледам како се мачат на студот. Овие услови се неиздржливи, цела ноќ морав да користам тенџериња за да собирам дождовница бидејќи водата лееше врз нас – рече Раед Џамал, раселен Палестинец.

Се стравува од нагло ширење на болести Хуманитарните работници предупредуваат дека болестите нагло ќе се прошират доколку семејствата итно не добијат нови засолништа и средства за греење.

Британската хуманитарна организација „Медицинска помош за Палестинците“ (МАП) соопшти дека е загрижена поради порастот на здравствените проблеми бидејќи семејствата живеат во поплавени шатори и немаат каде да одат.

  • Нашите медицински тимови очекуваат пораст на респираторните заболувања и други здравствени компликации поврзани со студот, влагата и пренатрупаноста, и стравуваме дека уште деца би можеле да умрат од хипотермија, како што се случи минатата зима – рече Маи Елававда, портпаролка на организацијата МАП во Газа.

940.000 луѓе живеат во импровизирани шатори Според податоците на Обединетите нации (ОН), 940.000 луѓе во Газа се наоѓаат во подрачја загрозени од поплави, во импровизирани шатори без заштита од обилните врнежи. Опасноста од поплави е дополнително зголемена бидејќи постројките за испумпување на атмосферските води не работат поради недостиг на електрична енергија.

„Шелтер бокс“, хуманитарна организација која дејствува во кризни подрачја, соопшти дека шаторите што инаку ги испорачува во вонредни ситуации стојат пред Газа речиси две години, поради што била принудена да импровизира – да составува засолништа од церади и дрвени палети. Сепак, како што наведуваат, дури и увозот на тие материјали е ограничен.

  • Најновите разорни поплави што ги погодуваат раселените луѓе во Газа покажуваат токму зошто очајнички се потребни потрајни решенија за сместување во пресрет на зимата. Преголемото потпирање на привремени решенија, наместо изградба на засолништа од поцврсти материјали, значи дека многу луѓе живеат во објекти кои едноставно не се погодни да ги издржат временските услови какви што владеат во овој регион и кои брзо ќе пропаднат – изјави портпаролот на оваа организација.

Дете се удави во поројот, три дечиња со мајката настрадаа кога се обруши песочна дина Едно дете се удави во поројните води, а најмалку три деца и нивната мајка загинаа кога песочна дина се обруши врз нивниот шатор за време на викендот, соопшти палестинското Министерство за здравство.

ОН наведоа дека 26.000 домаќинства побарале нивна помош по врнежите, додека најмалку 3.900 домаќинства сега останале целосно без никакво засолниште.

Зимата пред врата, а условите како во војна Палестинците во Газа се соочуваат со својата втора зима откако пред повеќе од една година беше договорен прекин на огнот, но хуманитарните работници велат дека условите не се ништо подобри од минатата година поради израелските ограничувања на „предмети со двојна намена“ и застоите на премините кои го ограничуваат доставувањето клучни залихи за изградба на засолништа.

  • Ситуацијата е многу тешка бидејќи не постои јасна процедура. Владее целосно самоволие – еден ден дозволуваат внесување алат за подигнување засолништа, веќе следниот ден го забрануваат, а никој не објаснува зошто – рече портпаролот на „Шелтер бокс“.

Советот за арапско-британско разбирање (Caabu) ја повика британската влада да изврши притисок врз Израел за да дозволи доставување залихи во Газа и да ги укине ограничувањата за хуманитарните работници, вклучувајќи и враќање на лиценците на десетици организации како што се „Лекари без граници“, „Оксфам“ и Норвешкиот совет за бегалци.

Џозеф Вилитс, шеф за парламентарни работи во организацијата Caabu, рече дека израелската блокада е „вештачки предизвикан недостиг“.

За тоа време, мајката на седуммесечно бебе, Нур ел Батш, била принудена да изнајми делумно урнат стан што го дели со други за 500 долари месечно, потпирајќи се на донации од странство, откако и шаторот ѝ бил уништен.

  • Студот е смртоносен. Животот во шатор покрај море значи соочување со постојана закана од смрт поради ниските температури. Сè уште сме во есен, а зимата не е ни почната како што треба. Го гледам мојот кревок шатор и се молам на Бога да не морам да се вратам во него. Бидејќи смртта во тој шатор е сигурна – рече Ел Батш, која од своето сегашно сместување го гледа својот стар шатор.

Напад врз последната болница во градот на југот на Газа Во засега последниот забележан напад врз Газа, израелската војска рано утрово ја гаѓаше болницата „Насер“ во Кан Јунис на југот на Газа. Загинаа најмалку шест лица, а повеќе од 20 се повредени.

Како што пренесе „Ал Џазира“, израелските сили не издале предупредување, ниту известување за евакуација пред нападот врз болницата.