Околу 71 отсто од граѓаните на Европа го поддржуваат формирањето војска на Европската Унија, додека 78 отсто од испитаниците во земјите членки на ЕУ сакаат зајакнување на одбранбените капацитети на Унијата во соработка со НАТО, покажа истражувањето на безбедносниот тинк-тенк „ГЛОБСЕК“ (GLOBSEC) за 2026 година, чии резултати ги објави бриселскиот портал „Политико“.
Поддршка за создавање европска војска е забележана во сите испитани земји членки на ЕУ, а најголема е во Романија, каде што таа идеја ја поддржуваат 82 отсто од испитаниците, потоа во Литванија со 78 и во Франција со 75 отсто.
Каде е најголема поддршката за војска на ЕУ Во Полска и во Бугарија поддршката изнесува околу 70 отсто, додека во Германија е 69 отсто.
Истражувањето е спроведено во 14 земји од трансатлантскиот простор, вклучувајќи 11 членки на ЕУ, Украина, Велика Британија и САД.
Поддршката за зајакнување на европската одбрана не значи и отфрлање на НАТО, наведува „Политико“.
Околу 77 отсто од испитаниците во анкетираните земји членки на Алијансата се изјасниле за останување во тој сојуз, додека 78 отсто од испитаниците во земјите на ЕУ го поддржуваат развојот на сопствени одбранбени капацитети на ЕУ во соработка со НАТО.
Истражувањето покажа и дека 64 отсто од испитаниците во земјите во кои не постои задолжително служење воен рок го поддржуваат неговото повторно воведување.
Најголема поддршка за таа идеја е забележана во Чешка, Франција, Германија и во Словачка. Повеќе од една третина од испитаниците во анкетираните европски земји ги сметаат САД за безбедносна закана.
Тој став го делат околу половина од испитаниците во Германија, Франција и во Велика Британија, во споредба со приближно една третина во земјите од Централна и Источна Европа.
За кого Вашингтон е безбедносна закана Германија е единствената земја опфатена со истражувањето во која мнозинството испитаници го сметаат Вашингтон за безбедносна закана.
Испитаниците во Германија изразиле и различни ставови за руските напади врз Украина.
Околу 40 отсто од нив се согласиле со тврдењето дека постапувањето на Украина кон рускојазичното население ги оправдало руските напади, додека 39 отсто оцениле дека Западот ја предизвикал војната.
Нешто повеќе од половина од германските испитаници сметаат дека борбата на Украина е важна за безбедноста на Германија, додека речиси шест од 10 би прифатиле Киев да отстапи дел од територијата во замена за мир.
Резултатите од истражувањето укажуваат на тоа дека граѓаните истовремено го поддржуваат зајакнувањето на европските воени капацитети и останувањето во НАТО, и покрај растечката недоверба кон САД како најмоќна членка на Алијансата.







