Двајца млади мажи на возраст од 26 години ги загубија животите, а уште 14 лица се повредени во пожар што избувнал во повеќекатна станбена зграда во германскиот град Висмар. Информацијата ја потврдила полицијата во Росток.
Пожарот избувнал синоќа, кратко по 22 часот. Кога пристигнале екипите за итна интервенција, од еден од влезовите на зградата веќе се ширел густ чад, пренесува германскиот медиум „Шпигел“.
Пожарникарите веднаш започнале со евакуација на станарите од загрозениот дел од објектот. Во меѓувреме, жителите од уште два соседни влеза превентивно ги напуштиле своите домови за да не бидат изложени на опасност.
За време на интервенцијата, додека пожарникарите се обидувале да го изгаснат огнот и ги пребарувале просториите во зградата, ги пронашле телата на двајцата 26-годишни мажи, кои живееле во објектот.
Во пожарот биле повредени вкупно 14 лица. Тројца од нив биле пренесени во болница за понатамошно лекување, додека на останатите медицинска помош им била укажана на самото место.
Поради последиците од пожарот, дел од евакуираните станари не можеле веднаш да се вратат во своите станови. За нив било обезбедено привремено сместување, каде што ја поминале ноќта.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште не се познати. Надлежните служби започнале со утврдување на околностите под кои избувнал огнот, како и на сите детали поврзани со несреќата.






