ПРВ.мк
Црна Хроника

(ВИДЕО) „ТОГАШ ГЛЕДАЈ ЈА ВОДАТА, НЕМА ДА ЈА ДОБИЕШ ДОДЕКА НЕ ПРЕСТАНЕШ ДА ПЛАЧЕШ!“: Потресно сведоштво на жена за третманот во психијатриска болница во Хрватска!

(ВИДЕО) „ТОГАШ ГЛЕДАЈ ЈА ВОДАТА, НЕМА ДА ЈА ДОБИЕШ ДОДЕКА НЕ ПРЕСТАНЕШ ДА ПЛАЧЕШ!“: Потресно сведоштво на жена за третманот во психијатриска болница во Хрватска!

По смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во Психијатриската клиника во загрепската населба Јанкомир, во јавноста почнаа да се појавуваат бројни сведоштва за наводно несоодветно постапување со пациентите во оваа здравствена установа. До редакцијата на хрватската телевизија RTL се обратиле околу 70 лица, кои тврдат дека за време на престојот во болницата биле изложени на физичко и психичко малтретирање.

Меѓу нив е и Габриела Станиќ од Самобор, која била хоспитализирана на 21 септември 2023 година, по смртта на нејзиниот син Иван, кој го загубил животот во несреќа поврзана со ТикТок предизвик.

Таа за емисијата „RTL Direkt“ раскажала дека само неколку часа по пронаоѓањето на телото на својот син, наместо поддршка и соодветен третман, доживеала, како што тврди, насилство од медицинскиот персонал.

Габриела се присетила дека во еден момент почнала да плаче и побарала да си оди дома, но персоналот постојано ѝ повторувал дека нема да биде пуштена.

„Почнав да плачам и реков дека сакам да си одам дома. Ми велеа: ‘Нема да си одиш дома, нема да си одиш дома, нема да си одиш дома’. Ме зграпчија, седнаа врз мене и пцуеја. Беа тројца или четворица“, раскажала таа.

Особено болно сеќавање ѝ останало од моментот кога побарала вода додека била врзана за болничкиот кревет. Според нејзиното сведоштво, докторка ѝ ја оставила чашата на ноќното шкафче, кое било оддалечено околу два метра, иако знаела дека пациентката не може сама да ја земе.

„Ја стави водата на ноќното шкафче, кое беше можеби два метра од креветот. Јас ѝ реков: ‘Не можам да стигнам до водата бидејќи сум врзана’. Таа ми одговори: ‘Тогаш гледај ја. Нема да ја добиеш додека не престанеш да плачеш, а сега гледај ја’“, раскажала Габриела.

Околу 70 лица изнеле обвинувања за постапувањето во болницата

Нејзиното сведоштво е само едно од повеќето што беа објавени по смртта на Кристијан Јосип Периш, кој починал на 21 октомври за време на врзување за болнички кревет.

Поранешни пациенти изнеле сериозни обвинувања за начинот на кој, според нив, биле третирани во установата. Меѓу нив се наведуваат физичко малтретирање, грубо врзување, ускратување вода, присилно давање инјекции, како и понижувачко однесување од страна на персоналот.

Во сведоштвата се споменуваат и случаи во кои, според тврдењата на пациентите, биле користени перници и чаршафи за задушување.

Габриела раскажала и за однесувањето на дел од медицинските техничари, за кои тврди дека им се потсмевале на пациентките додека се туширале, коментирајќи ги нивните тела и физичкиот изглед.

Сите овие сведоштва беа објавени во емисијата „RTL Direkt“ по случајот со смртта на Кристијан Периш, кој повторно го отвори прашањето за постапувањето со пациентите во психијатриските установи и начинот на кој се применуваат мерките за нивно задржување и згрижување. Обвинувањата на поранешните пациенти се нивни лични сведоштва и треба да се утврдат од надлежните институции.

ВИДЕО