Министерот за здравство Сашо Клековски остварил средба со Арџи Белио, претседавач на Бордот на Обединетата македонска дијаспора (UMD), во рамки на неговите средби во Македонија по повод УМД деновите на застапување.
На средбата било разговарано за можностите за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и македонската дијаспора ширум светот, со фокус на конкретни проекти и иницијативи од заеднички интерес.
Една од темите била и административната и логистичката поддршка поврзана со донацијата од УМД за Клиничката болница во Штип. Станува збор за опрема во вредност од 500.000 американски долари, која треба да придонесе за унапредување на условите и здравствената грижа во болницата.
Од УМД на средбата го најавиле и M-Link, глобална професионална платформа чија цел е да ги поврзе Македонците ширум светот и да отвори нови можности за професионална и деловна соработка меѓу дијаспората и татковината.
Клековски упати благодарност до Обединетата македонска дијаспора за нивната посветеност кон Македонија, како и за континуираното присуство и поддршка преку конкретни проекти и активности.
Средбата доаѓа во период кога се најавуваат нови форми на поврзување меѓу македонската дијаспора и институциите во земјава, со можности за дополнителни проекти во здравството, професионалната и деловната сфера.










