ПРВ.мк
Топ Вести

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ: Ова се новите правила за ЕЕС системот

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ: Ова се новите правила за ЕЕС системот

Европската комисија најави дополнителни измени во примената на системот за влез и излез (EES), со цел да се намалат долгите чекања на граничните премини и аеродромите низ Европската Унија.

Според новите насоки, националните власти ќе можат привремено да ја прекинат биометриската регистрација, односно фотографирањето и земањето отпечатоци од прсти, доколку на одреден граничен премин се создадат прекумерни редици. Стандардните гранични проверки, сепак, ќе продолжат да се спроведуваат.

Од Европската комисија велат дека веќе работат со земјите-членки на решавање на оперативните предизвици што се појавија по воведувањето на новиот систем. Воедно, најавен е и технички состанок со претставници на воздухопловната индустрија за да се разгледаат дополнителни решенија.

Од Брисел посочуваат дека системот веќе дал резултати во областа на безбедноста. Според нивните информации, во последните неколку месеци биле идентификувани околу 1.000 лица оценети како безбедносен ризик, на кои не им бил дозволен влез во Европската Унија.

Иако Европската комисија смета дека дел од проблемите со чекањата постоеле и претходно, признава дека се потребни дополнителни прилагодувања за новиот систем да функционира поефикасно и без значително да го нарушува протокот на патници.