Одделот за внатрешна контрола при МВР поднесе кривична пријава против вкупно 27 лица поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи. Меѓу пријавените е и вработена во Одделението за управни работи Скопје, која се сомничи дека со години го злоупотребувала пристапот до електронскиот систем.
Според МВР, во периодот од септември 2020 до август 2026 година, вработената со својата службена шифра менувала веќе креирани барања за возачки дозволи, а во одредени случаи ги отфрлала постојните и отворала нови. Во нив наводно внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови.
На овој начин, според истрагата, возачки дозволи со незаконски внесени категории добиле 21 лице, додека во уште еден случај постапката останала во обид.
Истрагата покажала и дека четири лица имале улога на посредници. Тие наводно пронаоѓале заинтересирани лица, ги поврзувале со вработената во МВР и ја координирале постапката за внесување и одобрување на категориите.
Шест лица потоа ги употребиле спорните возачки дозволи при преминување на државната граница, а две од нив ги искористиле и за добивање сертификати за професионална компетентност за меѓународен превоз на патници и стоки.
За вработената во МВР постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „фалсификување исправа“ и уште едно такво дело во обид. Кривично се пријавени и останатите лица за кои постои сомнение дека учествувале во незаконските постапки или ги користеле издадените исправи.
Од МВР дополнително информираат дека истата вработена претходно била отстранета од Министерството поради друга кривична пријава поврзана со злоупотреби при издавање лични документи, но во јануари 2025 година, врз основа на судска пресуда, била вратена на работното место.
Против неа сега ќе биде поведена и постапка за дисциплинска одговорност и ќе биде суспендирана од работното место до завршување на постапката.








