Дваесет македонски возачи се соочиле со проблеми во последните месеци по воведувањето на новите правила за влез и излез од земјите од Шенген зоната, кои предвидуваат дека не смеат да престојуваат повеќе од 90 дена во период од шест месеци.
Според Билјана Муратовска од асоцијацијата „МАКАМ-Транс“, 13 возачи биле депортирани и казнети со парични казни, додека седум добиле забрана за влез, односно „црн печат“ во пасошот. „Со парична казна, возачот нема забрана за работа. Но седум возачи добиле забрани на период од шест месеци до една година“, појаснува Муратовска.
Четиридневните протести на транспортерите од Западен Балкан, кои блокираа граници, го привлечоа вниманието на Брисел, но проблемот сè уште не е целосно решен. По средбата на министрите од регионот со претставници на Европската комисија, се очекува преодно решение, кое треба да важи додека не се најде трајна мерка. Во спротивно, не се исклучуваат повторни протести и блокади.
Муратовска предлага привремено решение – да не се бројат печатите во пасошите на возачите. Европската комисија, според неа, може брзо да донесе таква одлука повикувајќи се на новата визна стратегија, со која камионџиите се признаваат како професионалци. Како трајно решение, таа предлага да се третираат слично како пилотите и машиновозачите, кои се изземени од новиот електронски систем за контрола на влез и излез.
„Очекувам проблемот да се надмине за два до четири месеца, а наскоро ќе видиме дали ќе добиеме инструмент со кој во преодниот период нема да имаме проблеми“, додава Муратовска.

















