Скопјанка на социјалните мрежи сподели шокантно искуство за напад од кучиња на скопскиот кеј рано наутро. Инцидентот се случил во вторник, на 3 февруари, околу 4:30 часот, додека таа излегла да трча пред работа.
Според нејзината објава, најпрво ѝ се приближиле неколку кучиња кои почнале да лаат, а набрзо им се придружиле уште десетина. „Се обидов да ги избркам со викање, но не успеав. Едно ме гризна, а другите ми го попречија патот. Трчав назад и ме гризеа околу пет минути додека не паднав“, раскажува таа.
Жената добила угризи на седум места по телото, по што случајот бил пријавен во полиција. По интервенција на службите, била пренесена на Ургентен центар и примила тетанус вакцина во болницата „8 Септември“.
Во објавата таа апелира институциите системски да го решат проблемот со бездомните кучиња, наведувајќи дека по нападот чувствува страв да се движи сама низ градот. Во објавата се означени Агенцијата за храна и ветеринарство, Град Скопје, ЈП „Лајка“ и општините Центар и Карпош, со порака вакви случаи да не се повторуваат.

















