Пукање гума на камион на автопатот А9 во централна Германија доведе до масовна сообраќајна несреќа во која учествуваа 28 возила, објави германската новинска агенција ДПА.
Портпаролот на полицијата во округот Зале-Орла, Тирингија, истакна дека е зачудувачки што при инцидентот никој не е повреден. Несреќата се случила кога камионот се движел меѓу раскрсниците Бад Лобенштајн и Шлајц, а неговата гума одеднаш пукнала, расфрлајќи делови по патот.
Дваесет и седум возила, вклучувајќи автомобили и други камиони, се судриле со остатоците од гумата. Сè уште не е познато како првично дошло до оштетување на гумата.
Според првичните проценки на полицијата, штетата се проценува на околу 150.000 евра. Патниот правец бил затворен преку ноќ неколку часа додека се расчистувал местото на несреќата.

















