Живеење во изолирани бази, ограничена комуникација и постојано тестирање на човечките и технолошките граници – ова не е сцена од научно-фантастичен филм, туку секојдневие на аналогните астронаути. Меѓу нив е и Мартина Димоска од Кичево, првата жена од Балканот што учествува во високо реалистични симулации на вселенски мисии на Земјата.
Димоска објаснува дека аналогните астронаути тестираат технологии, оперативни протоколи и човечки перформанси во екстремни услови, пред тие да бидат применети во вистински вселенски мисии на Месечината, Марс или во орбита. Во рамки на овие симулации, учествуваат во EVA процедури, научни експерименти и тестирање на одлуки под висок оперативен притисок.

– Аналогните мисии се клучни за безбедно тестирање на ситуации што би можеле да бидат животно загрозувачки во вистинска мисија, вели Димоска.
Пат полн со предизвици
Нејзиниот пат не бил лесен. Доаѓа од земја без национална вселенска агенција, што значи дека морала сама да гради врски, знаење и кариера. Со години посветена работа и специјализирани тренинзи, вклучувајќи нуркачка NAUI обука, Analog Mission Training и NASTAR сертификација, таа денес е Senior NASTAR амбасадор и NAUI сертифициран нуркач. Воедно, има образование од УКИМ, магистерски студии во International Space University во Франција и постдипломски студии на Florida Institute of Technology во САД.

– Бев целосно самофинансирана и постојано „растегната“ меѓу обврските. Мораше да докажам дека со дисциплина и истрајност може да се успее, вели Димоска.
Првата современа опсерваторија во Македонија
И покрај меѓународните ангажмани, таа останува посветена на развојот на домашната научна инфраструктура. Се надева на отворање на првата современа опсерваторија и лабораторија за вселенски науки во Западна Македонија, каде секој млад човек ќе биде добредојден.
Нејзиниот проект преку International Space Alliance, „A small patch for man, a big one for our history books“, веќе ја однесе македонската застава преку Кармановата линија со летот на Blue Origin во 2024 година. Таа е и еден од основачите на Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА), која ја заменува улогата на недостасувачката државна агенција.
Нови можности во САД

Со EB-1A зелена карта, Мартина сега се интегрира во американскиот вселенски сектор. Иако нема државјанство на САД, таа работи како консултант и соработува со институции што имаат партнерства со NASA, со фокус на Human Spaceflight.
– Географијата не треба да биде граница за соништата. Патот е тежок и долг, но со упорност и посветеност, младите можат да се претстават себеси и државата од која доаѓаат во најдобро светло, вели Димоска.
Мартина ја нагласува важноста на континуираната врска со Македонија и ги поттикнува младите да се борат за своите соништа, без да чекаат дозвола или признание од други.

















