Македонска брачна двојка на возраст од 61 и 71 година за првпат се оствари во најважната животна улога – стана родители, откако во болницата „Д-р Органџиски“ успешно беше спроведена сложена ин витро процедура која резултираше со раѓање на здраво машко бебе.
Од здравствената установа информираа дека станува збор за исклучителен медицински успех, особено поради возраста на родителите и сложеноста на целокупниот процес кој претходел на бременоста.
Според информациите објавени од болницата, бременоста била постигната по детална медицинска подготовка и индивидуално изработен план за третман. Пред да се пристапи кон ин витро оплодување, кај 61-годишната пациентка била извршена хистероскопска реконструкција на матката, со цел да се создадат услови за успешно изнесување на бременоста.
Во постапката биле користени донирани јајце-клетки, по што следел успешен ембриотрансфер и развој на бременоста под постојан медицински надзор.
По завршувањето на целиот процес, двојката го добила своето прво дете – здраво машко бебе.
Од болницата „Д-р Органџиски“ соопштија дека мајката и новороденчето се во стабилна и добра здравствена состојба, а целиот тим кој учествувал во постапката го оцени случајот како значаен успех во областа на асистираната репродукција.
Веста привлече големо внимание во јавноста поради возраста на родителите, но и поради сложените медицински чекори кои овозможиле успешно остварување на нивната долгогодишна желба да имаат дете.
Таткото има 71 година, мајката 61 година, а новороденчето е нивното прво дете.








