ПРВ.мк
Топ Вести

По честитката за Лина Ѓорческа, Ѓоковиќ најави посета на Македонија - еве кога!

По честитката за Лина Ѓорческа, Ѓоковиќ најави посета на Македонија - еве кога!

Во пресрет на почетокот на Вимблдон, најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ испрати силна порака на поддршка за македонскиот тенис, честитајќи ѝ на Лина Ѓорческа за историскиот пласман во главната фаза на најпрестижниот тениски турнир на тревна подлога.

Ѓоковиќ, кој во првото коло на Вимблдон ќе се соочи со кинескиот тенисер Јибинг Ву, во разговор за „Макфакс“ истакна дека внимателно го следел настапот на најдобрата македонска тенисерка и не го криел воодушевувањето од нејзиниот успех.

„Го следев настапот на Лина пред неколку дена и можам само да ѝ честитам за успехот. Тоа е навистина голем резултат за македонскиот тенис“, изјави српскиот шампион.

Тој оцени дека ваквиот успех не е значаен само за Ѓорческа, туку и за развојот на тенисот во Македонија, бидејќи може да биде силен мотив за младите спортисти кои сонуваат професионална кариера.

Според Ѓоковиќ, ваквите резултати испраќаат важна порака дека со упорност, работа и посветеност е можно да се стигне до најголемите светски турнири.

Освен честитките за Лина Ѓорческа, српскиот ас откри и дека има желба во блиска иднина да ја посети Македонија.

Тој посочи дека при евентуалната посета би сакал да се сретне не само со Лина Ѓорческа, туку и со македонскиот тенисер Калин Ивановски, со кого веќе неколкупати заеднички тренирал.

„Наскоро сакам да ја посетам Македонија, па можеби ќе се сретнам со Лина и со Калин, со кои би можеле да организираме нешто заедничко“, порача Ѓоковиќ.

Изјавата на еден од најуспешните тенисери во историјата претставува големо признание за македонскиот тенис, особено по историскиот успех на Лина Ѓорческа, која со својот настап на Вимблдон испиша нова страница во македонскиот спорт.