ПРВ.мк
Свет

ЖЕНА ЌЕ ЈА ВОДИ ЦРКВАТА НА АНГЛИЈА ЗА ПРВПАТ ВО 1.400 ГОДИНИ СТАРАТА ИСТОРИЈА

ЖЕНА ЌЕ ЈА ВОДИ ЦРКВАТА НА АНГЛИЈА ЗА ПРВПАТ ВО 1.400 ГОДИНИ СТАРАТА ИСТОРИЈА

Црквата на Англија влезе во историјата со назначувањето на Сара Мулали за нов кантерберски надбискуп, со што по првпат во нејзината 1.400 години стара традиција, институцијата ќе ја води жена. Со оваа функција, Мулали истовремено станува и духовна водачка на околу 85 милиони англиканци ширум светот, позиција која ја става во еден од највлијателните центри на христијанската вера.

Одлуката носи значајни последици – додека за многумина во Велика Британија и пошироко ова е симбол на напредок и рамноправност, за конзервативните гранки на англиканската заедница, особено во некои африкански земји, назначувањето на жена може да ја продлабочи теолошката поделба.

Оваа промена стана возможна благодарение на реформите донесени пред 11 години, кои отворија пат жена да ја извршува функцијата на надбискуп на Кентербери. Со ова, Мулали стана 106. надбискуп и ја презеде водечката улога во една од последните области од британскиот јавен живот што со векови биле предводени исклучиво од мажи.

Шеесет и тригодишната Сара Мулали има необична биографија – пред да се посвети на црковната служба, таа работела како медицинска сестра. Во својата кариера постојано се залагала за отвореност, транспарентност и за создавање на црковна култура која прифаќа различни мислења и несогласувања.

Именувањето беше официјално објавено од канцеларијата на премиерот Кир Стармер, со формална согласност од кралот Чарлс, кој како монарх ја има титулата врховен водач на Англиканската црква – улога воспоставена уште во 16. век, кога кралот Хенри VIII ја отцепи Англија од Католичката црква.

Со оваа историска промена, Црквата на Англија испишува ново поглавје во своето наследство, отворајќи врата за поголема инклузивност и промена во едно од најстарите и највлијателни верски движења во светот.