Безбедносна снимка од лифт во станбена зграда во бразилскиот град Кујаба предизвика силни реакции во јавноста. На видеото се гледа како пензионираниот полициски истражител Лучијано Теста (56) физички ги напаѓа своите соседи – 62-годишен маж и неговата 59-годишна сопруга.
Инцидентот се случил на 11 јуни. Според снимката, Теста го удирал соседот со тупаници и клоци, продолжувајќи со нападот и откако мажот паднал на подот. Жената се обидела да го заштити сопругот, но и таа била нападната. Според обвинителството, поранешниот полицаец ја притиснал кон огледалото во лифтот и ја фатил за градите.
И покрај сериозноста на инцидентот, судот на 9 јули му го укинал притворот на Теста. Како образложение било наведено дека жртвите веќе се отселиле од градот, поради што ризикот од нови конфликти бил оценет како намален, објави бразилскиот портал „Хипернотисијас“.
За настанот сведочеле и друг станар од зградата, како и малолетниот син на Теста.
Според изјавата на нападнатиот сосед, проблемите меѓу нив започнале во август минатата година, кога сопругата на Теста обвинила друг станар за вознемирување. По тој настан, 62-годишниот маж почнал да избегнува да останува сам со неа во лифтот, што довело до нови расправии со поранешниот полицаец.
Соседот покренал и судска постапка против Теста, а само неколку дена пред нападот двајцата присуствувале на рочиште за помирување.
По објавувањето на снимката, Теста ја изнел и својата верзија за случувањата. Тој тврдел дека соседот претходната година сексуално го вознемирувал во лифтот, но 62-годишниот маж ги отфрлил овие обвинувања.
Теста е познат во локалната јавност и како водител на подкастот „Контракрајм“, посветен на јавната безбедност и борбата против криминалот. Во неговата емисија гостувале полициски службеници, политичари и новинари.
Документите на полициската внатрешна контрола откриваат дека и претходно против него била поведена дисциплинска постапка поради напад и закани кон друг станар во истата зграда. Дополнително, против него се водела и внатрешна постапка поврзана со истрага за тешко убиство.
Судијата Маркос Фалеирос да Силва оценил дека одредени мерки на претпазливост се доволни за да се обезбеди заштита на жртвите. На Теста му е забрането да им се приближува на помалку од 300 метри, да влегува во станбениот комплекс и да го напушта градот без претходна судска дозвола.
Судот истовремено му ја суспендирал дозволата за носење оружје и му наложил во рок од 48 часа да го предаде оружјето.








