Патници на лет на „Рајанер“ од Виена кон Лондон поминале повеќе од осум часа во авионот пред тој конечно да полета. Летот бил закажан за 9:40 часот, но поради снег и проблеми со опремата за одмрзнување авионот останал на земја до 17:34 часот.
Патници за австрискиот медиум „Хојте“ раскажале дека атмосферата во кабината станувала сè понапната. Според еден од нив, неколку лица сакале да го напуштат авионот, но капетанот преку разглас соопштил дека никој не смее да излезе. Истиот патник рекол дека видел стјуардеса како плаче.
Една 23-годишна патничка се пожалила дека тоалетите се затнале и се прелевале, а патниците не добиле бесплатна храна или пијалаци. Таа го опишала долгото чекање како „вистински кошмар“.
Од „Рајанер“ соопштиле дека доцнењето било поврзано со технички проблем со опремата за одмрзнување, за која е задолжен аеродромот во Виена. Од аеродромот, пак, објасниле дека обилните снежни врнежи предизвикале доцнења, бидејќи секој авион мора да биде одмрзнат пред полетувањето.








