Со пристигнувањето на ниските температури, замрзнатите автомобилски стакла стануваат секојдневен проблем за голем број возачи. Наместо веднаш да тргнат на работа, многумина поминуваат драгоцени минути на студот, обидувајќи се да го отстранат мразот.
Сепак, постои едноставен трик што може значително да го олесни овој процес.
Мешавина од две состојки
Мешавината од изопропил алкохол и вода може да помогне во побрзото омекнување на мразот. Алкохолот има пониска точка на замрзнување од водата, поради што го олеснува отстранувањето на ледените наслаги со пластична стругалка.
Ефикасноста на овој метод зависи од надворешната температура и дебелината на мразот. За редовна употреба, најсигурна опција се наменските спрејови за одмрзнување и системот за греење на автомобилот.
Грешки што можат скапо да ве чинат
Една од најголемите грешки е полевањето на замрзнатата шофершајбна со жешка вода. Наглата температурна промена може да предизвика пукање на стаклото, особено доколку веќе има ситни оштетувања.
Исто така, избегнувајте употреба на метални предмети за стружење и не вклучувајте ги бришачите доколку се замрзнати и залепени за стаклото.
Како да го спречите замрзнувањето?
Едно од најпрактичните решенија е поставување заштитна прекривка на шофершајбната во вечерните часови, која наутро едноставно се отстранува заедно со наслагите од снег и мраз.
Пред да тргнете, задолжително исчистете ги сите стакла, ретровизорите и светлата на автомобилот. Возењето со делумно исчистена шофершајбна ја загрозува вашата безбедност, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.









