Македонија во наредните денови ќе биде под влијание на циклонска активност, која ќе донесе обилни врнежи, снег и значително намалување на температурите.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до недела времето ќе биде претежно облачно, со дожд на пониските места, дожд и снег на повисоките, а на планините ќе се формира нова снежна покривка.
Врнежите локално ќе бидат пообилни, со над 30 литри на квадратен метар за 24 часа, додека во текот на целиот период наместа се очекуваат и над 80 литри на квадратен метар.
Сабота, 28 ноември
Облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Во попладневните часови се очекува продор на постуден воздух од север, поради што дождот на некои повисоки места ќе премине во снег. Ќе дува повремено силен северен ветер.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 8, а максималните од 5 до 10 степени.
Недела, 29 ноември
Облачно со повремени локални врнежи од снег, додека на пониските места долж Повардарието се очекуваат дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат.
Температурите ќе се движат од -1 до 8 степени.
Понеделник, 30 ноември
Променливо облачно и студено време со сончеви периоди. Утринските температури ќе се спуштат до -6 степени, додека дневните ќе се движат од 2 до 7 степени.
Во Скопје до недела се очекуваат врнежи од дожд, кои за време на викендот во повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.








