Пушачите во Македонија од 1 јануари 2027 година може да очекуваат ново поскапување на цигарите, согласно предвиденото годишно зголемување на акцизите на тутунските производи.
Според измените на Законот за акцизите, усвоени во октомври 2023 година, специфичната минимална акциза се зголемува за 0,23 денари по цигара секој 1 јануари, заклучно со 2030 година.
Тоа значи зголемување од 4,60 денари за кутија со 20 цигари само по основ на акцизата, додека конечните малопродажни цени допрва ќе бидат утврдени.
Секој втор возрасен граѓанин во Македонија пуши
Најновото истражување на „Аналитика тинк-тенк“ и Светската здравствена организација, спроведено на 1.065 возрасни испитаници, покажува дека 50 отсто од испитаниците пушат, додека процентот на секојдневни пушачи се зголемил од 43 на 48,1 отсто.
Особено загрижувачки е податокот дека 17 отсто од малолетниците користат тутунски производи.
Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека просечниот годишен трошок за цигари изнесува околу 600 евра, што е повеќе од просечниот годишен износ на здравствените придонеси што ги плаќа еден вработен.
Од Светската здравствена организација препорачуваат значително зголемување на цените на тутунските производи, со цел намалување на нивната достапност, особено кај младите.
Во меѓувреме, новиот закон за заштита од пушење сè уште не е усвоен во Собранието. Предложените измени предвидуваат дополнителни ограничувања за пушење на јавни места, како и во приватни возила во кои се превезуваат деца.









