ПРВ.мк
Македонија

ЌЕ ПОЕВТИНИ ЛИ УВОЗОТ НА АВТОМОБИЛИ ВО МАКЕДОНИЈА? Доставен предлог за намалување на давачките за неколку илјади евра

ЌЕ ПОЕВТИНИ ЛИ УВОЗОТ НА АВТОМОБИЛИ ВО МАКЕДОНИЈА? Доставен предлог за намалување на давачките за неколку илјади евра

Увозот на нови и половни автомобили во Македонија би можел значително да поевтини доколку Собранието ги усвои предложените измени на Законот за данок на моторни возила.

Независниот пратеник Миле Цеков доставил предлог-закон со кој се предвидува намалување на финансиските давачки при увоз на автомобили преку укинување на две постојни даночни компоненти.

Предлогот предвидува укинување на вредносната компонента, позната како данок на луксуз, за автомобили со вредност до 20.000 евра, како и укинување на давачката за емисија на CO₂ за возилата што исполнуваат ЕУРО 6 или повисок еколошки стандард.

Заштеда од неколку илјади евра

Според образложението на предлог-законот, за автомобил со вредност од 15.000 евра и ЕУРО 6 стандард, сегашните увозни давачки од 6.000 до 7.000 евра би се намалиле на околу 2.700 евра.

Тоа би значело заштеда од 3.300 до 4.300 евра за граѓаните.

Во образложението се наведува дека за автомобил со иста вредност, увозните давачки во Албанија изнесуваат околу 3.000 евра, во Косово, Србија и Црна Гора околу 3.500 евра, а во Босна и Херцеговина околу 2.550 евра.

Цеков посочува и на проблеми при царинското проценување на возилата и признавањето на сертификатите ЕУР.1, што, според него, создава дополнителни трошоци за граѓаните.

Целта на предложените измени е намалување на финансискиот товар, полесен пристап до понови автомобили и обновување на возниот парк во Македонија.

Предлог-законот допрва треба да помине низ собраниска процедура, што значи дека предложеното намалување на давачките сè уште не е усвоено.