Илона Сталер, попозната под уметничкото име Чичолина, една од најпознатите ѕвезди во историјата на индустријата за филмови за возрасни, денес го прославува својот 75. роденден.
Родена на 26 ноември 1951 година во Будимпешта, Чичолина уште од детството покажувала интерес за музиката и уметноста. На почетокот на седумдесеттите години се преселила во Италија, каде што започнала да работи како модел, а подоцна стекнала светска популарност.
Нејзината руса коса, венчињата од цвеќиња и провокативните јавни настапи станале нејзин препознатлив заштитен знак.
Од филмови за возрасни до италијанскиот парламент
Еден од најнеобичните пресврти во нејзината кариера се случил во 1987 година, кога била избрана за пратеничка во италијанскиот парламент на листата на Радикалната партија.
За време на политичкиот ангажман се залагала за човековите права, сексуалните слободи, образованието, борбата против цензурата и мирот.
Во 1991 година се омажила за познатиот американски уметник Џеф Кунс, со кого една година подоцна го добила синот Лудвиг. Нивниот брак завршил со развод и долготрајна борба за старателство.
На 75 години повторно во центарот на вниманието
Чичолина неодамна повторно го привлече вниманието на јавноста, откако стана едно од заштитните лица на модната кампања на „Вивиен Вествуд“ за сезоната есен-зима 2026/2027.
Денес живее во Рим, се занимава со сликарство и игра шах. Не ја исклучува можноста повторно да се појави на телевизија, а желба ѝ е нејзината животна приказна да биде преточена во филм.
„Секоја возраст има свој шарм. Си се допаѓам себеси“, вели Чичолина.








