Системот „Safe City“ ќе добие нови функционалности, а неговото целосно проширување на територијата на Македонија е планирано до средината на 2027 година, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во рамките на проектот, полициските возила ќе бидат опремени со паметни камери и подвижни радари кои автоматски ќе регистрираат сообраќајни прекршоци и додека возилата се во движење.
Новите радари ќе се користат во градските средини, но и на отворените патишта.
До крајот на годината и санкции за непрописно паркирање
Тошковски најави дека системот за санкционирање на непрописното паркирање треба да започне со функционирање до крајот на годинава.
За разлика од другите автоматски регистрирани прекршоци, во овие случаи ќе биде потребна дополнителна потврда од полициски службеник, бидејќи камерите не можат секогаш да разликуваат непрописно паркирање од запирање поради сообраќаен метеж.
Мобилна апликација за проверка и плаќање казни
Од следната недела се очекува да биде достапна и мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат да проверуваат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок, како и да ги плаќаат изречените казни.
Проширувањето на системот ќе се одвива етапно. Подрачјето на СВР Струмица треба да биде опфатено во првата половина на декември, СВР Штип до крајот на годинава или најдоцна до крајот на јануари, а СВР Скопје до крајот на февруари.
Целосната имплементација на проектот низ Македонија, според најавите, се очекува до средината на 2027 година.







