По повеќегодишни судски битки и меѓусебни обвинувања, поранешната холивудска двојка Бред Пит и Анџелина Џоли конечно постигна вонсудска спогодба за француската винарија „Шато Миравал“, објави „Page Six“.
Поранешните сопружници се огласија со ретко заедничко соопштение, во кое нагласија дека договорот е постигнат во најдобар интерес на нивното семејство и дека нема да даваат дополнителни коментари.
Финансиските детали од спогодбата не се објавени, но со повлекувањето на меѓусебните тужбени барања ќе биде избегнато судењето што требаше да се одржи на почетокот на следната година во Лос Анџелес.
Спор за имот вреден 164 милиони долари
Судскиот спор се однесуваше на луксузниот имот на југот на Франција, каде што двојката се венчаше во 2014 година. Вредноста на винаријата во 2021 година била проценета на 164 милиони долари.
Пит ја тужеше поранешната сопруга во февруари 2022 година, откако таа го продаде својот удел на рускиот милијардер Јуриј Шефлер за 64 милиони долари.
Џоли подоцна поднесе противтужба вредна 250 милиони долари. Во текот на судската постапка повторно беа актуализирани и нејзините обвинувања за семејно насилство, кои Пит ги негираше. По истрагата на ФБИ против актерот не беше поднесено обвинение.
Поранешните сопружници официјално го финализираа разводот во декември 2024 година, по осумгодишна правна битка.
Бред Пит и Анџелина Џоли ја започнаа својата љубовна приказна во 2005 година, по снимањето на филмот „Господин и госпоѓа Смит“, а заедно имаат шест деца.
Со постигнувањето на најновиот договор, поранешната холивудска двојка затвора уште едно поглавје од долгогодишниот правен конфликт.









