Во пресрет на „црн петок“, Организацијата на потрошувачи на Македонија апелира до граѓаните внимателно да ги проверуваат цените и условите за купување, предупредувајќи дека големите рекламирани попусти не секогаш значат и реална заштеда.
Маријана Лончар од Организацијата на потрошувачи посочува дека трговците треба јасно да ги истакнат старата и новата цена, а дополнителните трошоци за транспорт, монтажа и други услуги не смеат да бидат прикриени.
Посебна внимателност при купувањето преку интернет
На граѓаните им се препорачува да зачувуваат фотографии од понудите, потврди за нарачките и други податоци што би можеле да послужат како доказ при евентуална рекламација.
Кај електронските уреди, големите попусти често се однесуваат на постари модели, додека кај облеката и обувките намалувањата неретко важат само за ограничен асортиман и одредени броеви.
Од Организацијата на потрошувачи апелираат граѓаните да купуваат рационално и да не подлегнуваат на атрактивните реклами за попусти до 70 проценти.
Бројот на поплаки расте за 15 до 20 проценти годишно
Најчестите проблеми со кои се соочуваат потрошувачите се неиспорачани производи, проблеми со сервисирањето, враќањето на парите и производи што не одговараат на рекламираните карактеристики.
Доколку проблемот не може да се реши директно со трговецот или преку посредување, случаите се упатуваат до Државниот пазарен инспекторат.
Дополнително, од Организацијата предупредуваат дека дел од основните прехранбени производи веќе бележат поскапувања од пет до 10 проценти, поради што препорачуваат внимателно планирање на семејниот буџет во пресрет на новогодишните и божиќните празници.









