ПРВ.мк
Македонија

Клековски: Регионалните болници треба да добијат поголема улога во онколошката грижа

Клековски: Регионалните болници треба да добијат поголема улога во онколошката грижа

Министерот за здравство Сашо Клековски смета дека идниот развој на онколошката грижа треба да се движи кон поголема децентрализација, односно дел од терапијата пациентите да можат да ја примаат поблиску до местото на живеење.

Според Клековски, сегашниот модел, концентриран главно во Скопје, е создаден во услови кои значително се разликуваат од денешните потреби на пациентите.

Тој посочи дека во земјава има околу 7.000 живи пациентки со рак на дојка на кои им е потребна редовна онколошка грижа, поради што е неопходно системот дополнително да се приспособува на зголемениот обем и потребите на пациентите.

Како можен модел, Клековски го посочи примерот со терапијата за мултиплекс склероза, која веќе се дистрибуира и преку регионални здравствени центри, наместо исклучиво во Скопје.

Според министерот, сличен пристап во онкологијата би можел да донесе повеќе придобивки – пациентите би патувале помалку, би се намалил притисокот врз Универзитетската клиника за онкологија, а онколошките тимови во регионалните болници би добиле поголема улога во третманот.

„Онкологијата не може да се реши со централно решение. Долго се ветува, мора да се спроведе во следните месеци“, порача Клековски.

Министерството веќе применува модели на регионализирана грижа во други области, додека постојната национална патека за рак на дојка предвидува упатување и следење преку повеќе нивоа на здравствениот систем.