ПРВ.мк
Балкан

ЕПИДЕМИЈА НА САЛМОНЕЛА СЕ ШИРИ ВО ГРАДИНКА: Потврдена зараза кај 10 деца!

ЕПИДЕМИЈА НА САЛМОНЕЛА СЕ ШИРИ ВО ГРАДИНКА: Потврдена зараза кај 10 деца!

Епидемија на салмонела е прогласена во предучилишната установа „Милка Диманиќ“ во српскиот град Власотинце, откако инфекцијата била потврдена кај десет деца кои посетуваат два објекта на градинката.

Според информациите од Заводот за јавно здравје во Лесковац, осум од заразените деца се од објектот „Колибри“, додека останатите две го посетуваат објектот „Дечја радост“. Кај сите деца се забележани благи симптоми, поради што лекувањето се спроведува дома или амбулантски, без потреба од болничко лекување.

Надлежните институции започнале вонредна санитарна контрола со цел да се открие како дошло до ширење на бактеријата и каде се наоѓа изворот на инфекцијата.

Во рамки на проверките, во соработка со републичките санитарни инспектори, биле земени брисеви од централната кујна, прехранбените производи, дистрибутивната кујна, како и од возилата со кои се превезува храната.

„Спроведовме хигиенска и санитарна инспекција со републичките санитарни инспектори, во присуство на други колеги. Зедовме брисеви од централната кујна, прехранбените производи, дистрибутивната кујна, како и од возилата што се користат за транспорт на храна. Епидемијата е под истрага и ги чекаме резултатите од вонредната санитарна инспекција“, изјави епидемиологот д-р Јадранка Красиќ за „Курир“.

Додека се очекуваат лабораториските резултати, се врши и тестирање на лицата кои биле во контакт со заразените деца, како и на членовите на нивните семејства.

Во меѓувреме, објектите на градинката се дезинфицирани, а вработените засега не пријавиле здравствени проблеми.

Заразените деца примаат петдневна антибиотска терапија, а враќањето во градинка ќе им биде дозволено дури откако ќе добијат три последователни негативни резултати од тестовите на столицата.