ПРВ.мк
Црна Хроника

ЛАДНОКРВНО УБИ ТРОЈЦА СО ОТРОВЕН ОБРОК: Осудена е на доживотен затвор без помилување, а сега поднесе последна жалба!

ЛАДНОКРВНО УБИ ТРОЈЦА СО ОТРОВЕН ОБРОК: Осудена е на доживотен затвор без помилување, а сега поднесе последна жалба!

Австралијката Ерин Патерсон, осудена на доживотен затвор за убиство на тројца членови од семејството на нејзиниот сопруг откако во 2023 година им послужила оброк со отровни печурки, поднесе жалба до Вишиот суд на Австралија – последната инстанца на која може да ја оспори пресудата.

Патерсон минатата година беше прогласена за виновна за убиството на свекрвата Гејл Патерсон, свекорот Доналд Патерсон и Хедер Вилкинсон, сестра на нејзината свекрва, како и за обид за убиство на Ијан Вилкинсон, кој го преживеа труењето, пренесе „Ројтерс“. Таа на гостите им послужила отровен „биф велингтон“ во својата куќа во Леонгата, југоисточно од Мелбурн. Патерсон цело време тврдеше дека е невина и дека смртните случаи биле несреќен случај.

Апелациониот суд при Врховниот суд на Викторија минатиот месец ја одби нејзината претходна жалба на пресудата. Во новата жалба нејзините адвокати тврдат дека судот згрешил во примената на начелото дека правдата не само што мора да биде задоволена, туку мора и да се види дека е задоволена.

Што стои во жалбата

Меѓу причините за жалбата се наведуваат тврдењата дека одредени докази не смееле да бидат прифатени, како и дека неправилност претставувало тоа што членовите на поротата, сплет на околности, биле сместени во ист хотел со други лица поврзани со случајот.

Патерсон првично беше осудена на доживотен затвор, со можност за условен отпуст по најмалку 33 години. Меѓутоа, по жалба на обвинителството, Врховниот суд на Викторија минатиот месец ја преиначи казната во доживотен затвор без можност за условен отпуст – што е само втор пат во историјата на Австралија една жена да биде осудена на таква казна.

Судењето, кое траеше 11 недели и се одржа во Морвел, привлече огромно внимание кај јавноста, а случајот подоцна беше обработен во неколку поткасти и книги.