Бизнисменот Роберт Палиќ утрово повторно бил застрелан во нозете во Загреб, во напад што се случил во близина на неговиот дом во населбата Дубрава. Непознат напаѓач го пресретнал на улица, пукал во него и побегнал, а повредениот бил пренесен во болница. Според првичните информации, неговиот живот не е во опасност, пишува „Јутарњи лист“.
Станува збор за втор напад врз Палиќ во релативно краток период, откако и во март минатата година беше ранет во нозете во заседа, додека се движел кон локално кафуле. И во тогашниот случај напаѓачот бил непознат, а околностите на нападот привлекоа внимание поради повторувањето на сличен инцидент.
Загрепската полиција потврди дека пукањето се случило околу 8:30 часот на улицата Банатска, каде што едно лице било повредено со огнено оружје. На повредениот му била укажана лекарска помош, местото било обезбедено, а полицијата започнала истрага и потрага по сторителот. Сообраќајот на улицата во меѓувреме бил прекинат.
„Денес, околу 8:30 часот, на улицата Банатска во Загреб, еден маж беше ранет од огнено оружје на улица и му беше укажана лекарска помош. Местото на настанот е обезбедено, а во тек е истрага, како и интензивна потрага по сторителот. Сообраќајот на улицата Банатска е во прекин“, соопштија од полицијата.
Палиќ и неговиот син, кој го носи истото име, во 2018 година беа обвинети за затајување данок во случај поврзан со увоз на луксузни автомобили. Во периодот кога бизнисменот беше ранет во март минатата година, судската постапка по обвинението на УСКОК, институцијата во Хрватска задолжена за борба против корупцијата и организираниот криминал, веќе траела повеќе од пет години.
По претходниот напад, на Палиќ му била доделена полициска заштита, па на судските рочишта пристигнувал во придружба на полициски службеници во цивилна облека.
Судскиот процес завршил со спогодба за признавање вина, која Палиќ ја склучил со УСКОК на 29 декември минатата година, по повеќегодишно судење во кое претходно тврдел дека е невин. Спогодба склучил и неговиот син, како и речиси сите останати обвинети во предметот.
Според договорената казна, Роберт Палиќ бил осуден на затворска казна која била заменета со 11 месеци општокорисна работа, а му била изречена и парична казна од 150.000 евра.
Засега не се објавени информации дали утринскиот напад е поврзан со претходното пукање или со судскиот случај, а полицијата продолжува да ги утврдува сите околности.





