ПРВ.мк
Свет

ТРЕВОГА ВО ЗАПАДНИТЕ РАЗУЗНАВАЧКИ СЛУЖБИ: „Русија годинава планира да лансира сателит со нуклеарно оружје во вселената“

ТРЕВОГА ВО ЗАПАДНИТЕ РАЗУЗНАВАЧКИ СЛУЖБИ: „Русија годинава планира да лансира сателит со нуклеарно оружје во вселената“

Разузнавачките служби на земјите-членки на НАТО заклучиле дека Русија планира во текот на оваа година да лансира во вселената сателит вооружен со нуклеарно оружје, објави денеска група германски медиуми.

Западните разузнавачки служби, вклучувајќи ја германската Сојузна разузнавачка служба (БНД) и вооружените сили на Германија, размениле податоци кои укажуваат дека сателитот, наречен „Спутник-С“ (Sputnik-S), бил составен пред неколку години и во моментов се наоѓа во Московската област, објавија германските радиодифузери НДР (NDR) и ВДР (WDR) и весникот „Зидојче цајтунг“.

Руската амбасада во Германија, германската БНД и седиштето на НАТО во Брисел не одговорија веднаш на барањата за коментар, пренесува Ројтерс.

Русија во 2024 година ги отфрли тврдењата на американските официјални лица дека Москва развива оружје кое би можело да уништи непријателски сателити со предизвикување нуклеарна експлозија во вселената.

Американските претставници тврдат дека Русија со години развива нуклеарно оружје способно да уништи цели сателитски мрежи, како што е интернет-системот „Старлинк“ (Starlink) на компанијата „Спејс-Икс“ (SpaceX) на Илон Маск, кој го користат украинските сили.

Најнови вести