ПРВ.мк
Црна Хроника

УАПСЕН ЕДЕН ОД НАПАЃАЧИТЕ НА ДОКТОР И МЕДИЦИНСКА СЕСТРА: Еве колкава казна затвор може да добие!

УАПСЕН ЕДЕН ОД НАПАЃАЧИТЕ НА ДОКТОР И МЕДИЦИНСКА СЕСТРА: Еве колкава казна затвор може да добие!

Еден од двајцата осомничени за физички напад врз лекар и медицинска сестра пред здравствената установа „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром е приведен, информира Министерството за внатрешни работи.

На 21 ноември, во 19:15 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Ј.К. (41) од Скопје, кој се сомничи дека учествувал во нападот врз медицинскиот персонал.

Инцидентот се случил истиот ден околу 17:30 часот, кога тој и неговиот 62-годишен татко, С.К., по претходно недоразбирање, физички нападнале лекар и медицинска сестра.

Според неофицијалните информации за случајот, таткото и синот дошле во здравствената установа со постар пациент, кој боледувал од карцином и, според наводите, испил антифриз во обид да си го одземе животот.

Тие инсистирале пациентот итно да биде транспортиран во Клиниката „Мајка Тереза“, но лекарот и медицинската сестра процениле дека нема потреба од таков транспорт и дека пациентот може да биде однесен со автомобил. По несогласувањето дошло до расправија, која прераснала во физички напад врз медицинскиот персонал.

Лекарот и медицинската сестра биле повредени и по нападот биле хоспитализирани.

Случајот предизвика реакција и од Лекарската комора, која најостро го осуди насилството врз здравствените работници додека ги извршуваат своите професионални обврски. Оттаму потсетуваат дека напад врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност претставува кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок против сторителите.

Најнови вести