ПРВ.мк
Црна Хроника

ТРИ ЛИЦА ЗАГИНАА НА СЕМЕЈНА ПРОСЛАВА: Расправија прераснала во пукање!

ТРИ ЛИЦА ЗАГИНАА НА СЕМЕЈНА ПРОСЛАВА: Расправија прераснала во пукање!

Три лица загинаа, а една жена е повредена во пукање што се случило за време на семејна прослава во американската сојузна држава Охајо. Локалната полиција соопшти дека инцидентот се случил во градот Парма, на околу 16 километри јужно од Кливленд.

Пукањето било за време на прослава организирана по повод претстојното раѓање на бебе, а според првичните информации, на инцидентот му претходела семејна расправија, објави „Ен-Би-Си њуз“.

Полицијата привела 29-годишен маж кој бил вклучен во пукањето, но засега против него не е поднесено обвинение. Портпаролот на полицијата, Скот Тракслер, изјавил дека истражителите сè уште утврдуваат дали приведениот прв употребил оружје или дејствувал во самоодбрана.

Меѓу загинатите е и 19-годишен маж, за кого полицијата потврди дека бил вториот учесник во пукањето. Другите две жртви се 17-годишната Лизија Ингланд и 45-годишниот Џејсон Таунсенд. Во инцидентот била повредена и 39-годишна жена, која била застрелана во ногата.

Според полициските информации, Таунсенд бил татко на жената за која се организирала прославата, а која не била повредена. Првичните сознанија укажуваат дека 19-годишниот загинат бил татко на нероденото бебе.

Сведоци на настанот изјавиле дека 19-годишникот не бил поканет на прославата. Приведениот 29-годишен маж, според досегашните информации, е роднина на идната мајка.

Истрагата продолжува, а полицијата работи на утврдување на причините за семејната расправија и на сите околности што довеле до пукањето.