Американскиот политичар Џордан Рајт се најде во центарот на необични гласини на социјалните мрежи, откако видео на кое прави необично движење со очите стана вирално. Дел од корисниците снимката ја искористија како наводен доказ дека тој е „човек-гуштер“ или вонземјанин, по што пратеникот јавно реагираше на шпекулациите.
Камерите го снимиле 32-годишниот демократ во петокот, на 20 ноември, за време на градското собрание на кое градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, го презентирал планот за затворање на затворскиот комплекс „Рајкерс Ајленд“.
Во еден момент, Рајт кратко се насмевнал, трепнал и ги превртел очите нагоре, при што на снимката речиси целосно се гледаат белките. Токму тој момент предизвика лавина реакции и коментари на интернет.
Видеото го споделил и американскиот водител и теоретичар на заговори Алекс Џонс, а неговата објава достигнала милиони прегледи.
„Очигледно сум човечко суштество“, изјавил Рајт за „Њујорк пост“, реагирајќи на бизарните тврдења што се проширија на социјалните мрежи.
Како пример за својата работа, пратеникот ги посочил и четирите милиони долари што ги обезбедил за центар за еколошка правда во Харлем. Сепак, признал дека не знае што точно се случувало во моментот кога неговото движење со очите било фатено на камера.
Рајт овој месец повторно бил избран за претставник на 70. изборен округ. На општите избори немал противкандидат, откако во јуни победил на партиските предизбори.
Приказната за таканаречените „луѓе-гуштери“, која е дел од теории на заговор без научна основа, со години ја популаризира британскиот автор Дејвид Ајк, поранешен спортски новинар на Би-Би-Си. Во неговите тврдења, светски лидери, членови на кралски семејства и познати личности наводно се влекачи кои се маскирани во човечки облик и тајно управуваат со светот.
Меѓу личностите кои Ајк ги поврзувал со овие бизарни теории била и британската кралица Елизабета Втора.






