Голем пожар избувнал во хотел во романскиот зимски центар Појана Брашов, а гаснењето продолжува и по повеќе од 12 часа. Противпожарните екипи сè уште се обидуваат да го стават огнот под контрола и да спречат негово понатамошно ширење.
Во интервенцијата пожарникарите користат термални камери и дронови за да ги откријат скриените жаришта и да утврдат каде сè уште има активен пожар.
Гаснењето е отежнато поради специфичната конструкција на покривот, кој е изграден од два слоја лим. Поради тоа, екипите имаат ограничен пристап до деловите во кои огнот сè уште не е целосно изгаснат.
Инспекторатот за вонредни состојби на округот Брашов во понеделникот наутро информираше дека пожарникарите работат непрекинато на пронаоѓање и гаснење на преостанатите жаришта. За да се овозможи пристап до критичните делови, потребно е отстранување на делови од покривната конструкција, а интервенции се вршат и на покривот и на фасадите на објектот.
Според досегашните информации од надлежните, пожарот избувнал во неделата околу 22 часот, при што биле зафатени покривот, поткровјето и горните три ката од хотелот.
Од зградата биле евакуирани околу 150 лица. Засега нема информации за повредени или загинати во пожарот.
Во гаснењето учествуваат противпожарни екипи од четири окрузи – Брашов, Ковасна, Прахова и Арџеш, како и доброволни пожарникари од Ришнов. На местото на настанот се присутни и екипи на итната медицинска помош од окружната служба.





