Љубителите на зимските спортови оваа сезона ќе имаат нова можност за скијање во повеќе балкански земји, без да купуваат посебни сезонски билети за секој скијачки центар. Регионалните центри од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Словенија договорија соработка со која ќе се овозможи меѓусебно користење на сезонските ски-карти.
Договорот за регионална соработка „SKI REGION“ бил потпишан на Јахорина и предвидува имателите на сезонски ски-билети да можат да ги користат и во партнерските скијачки центри, каде што ќе имаат право на три дена скијање.
Целта на договорот е поврзување на скијачките центри во регионот, подобрување на туристичката понуда и заедничка промоција на зимскиот туризам, со што на скијачите ќе им се овозможи полесно да посетуваат различни дестинации.
Генералниот директор на Олимпискиот центар Јахорина, Игор Жиљак, објаснил дека носителите на сезонските ски-карти за Јахорина ќе можат да скијаат три дена на Бјелашница, како и по три дена во партнерските центри во Словенија, Србија и Црна Гора.
„Сите скијачки центри во регионот се согласија дека нашите годишни билети важат во центрите со кои потпишавме договор, за три дена скијање. Се надевам дека на овој начин ќе им обезбедиме на туристите подобро скијање и попријатна атмосфера“, изјавил Жиљак.
Според него, регионалната соработка би требало да придонесе за поголема промоција на зимскиот туризам и да го зголеми интересот за скијачките дестинации во регионот, меѓу кои се Јахорина, Бјелашница и Копаоник, објави сараевски „Klix“.
Кога започнува скијачката сезона на Копаоник?
Почетокот на скијачката сезона зависи од временските услови и состојбата на снегот во секој од центрите. На Копаоник, стартот е планиран за 3 декември, кога треба да се одржи традиционалниот настан „Ski Opening“.
За првиот ден е најавено бесплатно скијање, но почетокот на сезоната може да биде променет доколку условите на теренот не го дозволуваат планираното отворање.






