ПРВ.мк
Балкан

НОВИ СООБРАЌАЈНИ КАЗНИ: Се укинува одземањето дозвола за погрешно паркирање, но некои прекршоци ќе ве чинат и до 2.000 евра!

НОВИ СООБРАЌАЈНИ КАЗНИ: Се укинува одземањето дозвола за погрешно паркирање, но некои прекршоци ќе ве чинат и до 2.000 евра!

Грчките власти предложија измени на неодамна усвоениот Закон за безбедност на сообраќајот, со кои, меѓу другото, се воведуваат старосни ограничувања за возачите на моќни спортски автомобили, но и се менуваат казните за непрописно паркирање.

Новиот нацрт-закон, подготвен од Министерството за инфраструктура и транспорт и ставен на јавна расправа до 7 декември, ги ублажува санкциите за одредени помали прекршоци, пренесува „Катимерини“.

Казни од 2.000 евра и ограничувања за моќни возила

Законот воведува ограничувања за младите возачи кои управуваат со автомобили со високи перформанси. Патнички возила чија максимална нето-моќност надминува 340 коњски сили ќе можат да управуваат само лица на возраст од 22 години или постари, кои поседуваат возачка дозвола за соодветната категорија најмалку три години.

За овој прекршок е предвидена парична казна од 2.000 евра и итно одземање на возачката дозвола во траење од 60 дена. Истата парична казна и мерка одземање на дозволата ќе се применуваат и за возачите кои управуваат со возила без регистарски таблички или со таблички кои не се јасно видливи.

Снимање на возачките испити со камери и вештачка интелигенција

Целта на предложените прописи е и заживување на планот за снимање на практичниот дел од возачкиот испит – мерка усвоена во 2021 година, но никогаш спроведена, со која треба да се сузбие корупцијата и да се подобри надзорот врз издавањето возачки дозволи.

Според предложениот систем, практичните испити ќе се снимаат со таблет со кој ракува испитувачот, како и со пренослива камера од 360 степени, насочена кон педалите и седиштето на инструкторот. Испитувачот, возилото и податоците за обуката на кандидатот ќе бидат електронски верификувани преку QR-кодови, а ќе се користи и вештачка интелигенција за автоматска проверка дали камерите се правилно поставени и дали функционираат исправно.

Важна измена за непрописно паркирање и ограничување на брзината

Покрај заострувањето на казните за фалсификување документи или лажно претставување на возачки испит, се воведува и електронски регистар на возила што ги користат автошколите.

Кај одредени случаи на непрописно паркирање, постоечката казна од 30 евра и одземање на возачката дозвола на 10 дена ќе биде заменета со парична казна од 60 евра, но без мерка за одземање на дозволата. Ова ќе се однесува на паркирање на сообраќајни острови, разделни ленти или непочитување на одредени знаци за забрана на запирање и паркирање. За посериозните прекршоци, како паркирање на места или пристапни рампи за лица со попреченост, на сила остануваат построгите казни.

Предлог-законот исто така прецизира дека ограничувањето на брзината од 30 километри на час во населени места се однесува на еднонасочни улици со една сообраќајна лента, како и на двонасочни патишта со по една лента во секоја насока кои немаат разделно острово или средишна бариера.

Најнови вести