ПРВ.мк
Свет

Трамп ја тужеше банката, но таа возврати со нови тврдења пред судот

Трамп ја тужеше банката, но таа возврати со нови тврдења пред судот

Американската банка „Капитал уан“ побара од судот да ја отфрли тужбата поднесена од компанијата на американскиот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека одлуката за затворање на повеќе од 300 банкарски сметки била донесена по повеќемесечни проверки поврзани со мерките за спречување перење пари.

Во судскиот поднесок, банката наведува дека анализата ја спровел специјализиран тим задолжен за следење на сомнителни финансиски активности, при што биле применети интерните процедури и важечките регулаторни правила.

Од „Капитал уан“ нагласуваат дека не тврдат оти компанијата на Трамп учествувала во перење пари, туку дека одредени трансакции биле класифицирани како активности што, според федералните банкарски прописи, бараат дополнителна проверка и проценка на ризикот.

Од друга страна, „Трамп Организација“ и Ерик Трамп уште во март 2025 година поднесоа тужба против банката, обвинувајќи ја дека сметките биле затворени поради политичка дискриминација и ставот на банката по настаните од 6 јануари 2021 година.

Банката ги отфрла овие тврдења, наведувајќи дека одлуката за затворање на сметките била донесена уште во март 2021 година и дека не била мотивирана од политички причини.

Според „Гардијан“, ова е првпат една финансиска институција јавно да соопшти дека проверки поврзани со спречување перење пари биле причина за затворање на сметки поврзани со семејниот бизнис на Доналд Трамп.