По повод 2 Август – Илинден, градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, упати силна порака за значењето на двата историски Илиндена, нивната улога во создавањето на македонската државност и обврската на денешните генерации да го зачуваат нивниот аманет.
На овој голем национален празник се чествуваат Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година, два клучни историски настани врз кои се темелат слободата, државноста и македонскиот национален идентитет.
Од Крушево до манастирот „Прохор Пчински“, генерации Македонци биле водени од иста идеја – создавање своја, слободна и достоинствена Македонија. Таа идеја и денес живее кај сите што го почитуваат минатото, ја сакаат татковината и веруваат во нејзината иднина.
Јанчев порача дека Илинден не треба да биде само ден на сеќавање на хероите, туку и постојана обврска да се чуваат македонскиот јазик, културата, традицијата и државните вредности. Според него, со чесна и посветена работа треба да се создава земја во која младите ќе ја гледаат својата иднина и ќе сакаат да останат, да живеат и да создаваат.
Со гордост и достоинство, Кавадарци го чествува празникот кој ги поврзува минатото, сегашноста и иднината на македонскиот народ.
Честит Илинден – Денот на Републиката!
Нека е вечна, слободна и горда Македонија!








