Грчките власти уапсија две лица под сомнение дека од небрежност го предизвикале големиот шумски пожар западно од Атина, кој веќе трет ден пустоши шуми, уништува домови и принудува илјадници луѓе на евакуација.
Според првичната истрага, пожарот најверојатно избувнал поради искри од електрични кабли што пренесувале струја од приватен парк за ветерници до дистрибутивната мрежа во регионот Беотија. Осомничени се електроинженерот задолжен за проектот и лицето што работело на поставување на каблите, а полицијата трага и по сопственикот на ветерниот парк. Против нив се поднесени кривични пријави.
Во меѓувреме, огнената стихија продолжува да се шири кон градот Мегара, поради што властите наредија евакуација на индустриската зона и шест населени места во околината.
Во гаснењето се вклучени околу 500 пожарникари, 134 противпожарни возила и осум авиони, додека дополнителна помош пристигна и од Франција и Романија. Сепак, силниот ветер, кој на моменти достигнува повеќе од 100 километри на час, сериозно ги отежнува операциите на терен.
Според грчките медиуми, во крајбрежниот регион Порто Гермено досега се уништени или оштетени околу 200 куќи, а пламените јазици зафатиле приближно 10.000 хектари шума и ниска вегетација.
Властите остануваат во состојба на висока готовност, бидејќи поширокиот регион околу Атина и островот Евија и понатаму се во зона со многу висок ризик од нови пожари.









