ПРВ.мк
Економија

Пазарите во паника: Доларот потона, се најавува историска интервенција

Пазарите во паника: Доларот потона, се најавува историска интервенција

Американскиот долар минатата недела забележа значителен пад на светските девизни пазари, поттикнат од шпекулациите дека Јапонија и Јужна Кореја би можеле координирано да интервенираат за да ја зајакнат вредноста на јенот.

Индексот на доларот, кој ја следи неговата вредност во однос на шест водечки светски валути, се намали за 1,63 проценти и се спушти на 99,802 поени. Тоа претставува најголем неделен пад од почетокот на април, додека во текот на јули американската валута изгуби околу еден процент од вредноста.

Во истиот период, еврото зајакна за 1,38 проценти и достигна курс од 1,1527 долари, а јапонскиот јен оствари уште поголем раст. Доларот ослабе за речиси четири проценти во однос на јенот и неделата ја заврши на ниво од 157,57 јени за еден долар.

Дополнителен притисок врз американската валута создаде и одлуката на Федералните резерви да ја задржат референтната каматна стапка во опсег од 3,5 до 3,75 проценти. Иако тројца членови на одборот се изјасниле за ново зголемување на каматите, претседателот на ФЕД, Кевин Ворш, не најавил брзо заострување на монетарната политика, што ги зголеми сомнежите кај инвеститорите околу идните чекори на централната банка.

Во меѓувреме, јапонските власти повторно интервенираа на девизниот пазар со цел да го поддржат јенот, кој претходно падна на најниско ниво во последните четири децении. Според информации од пазарот, и властите во Јужна Кореја продавале долари, што отвори шпекулации за ретка координирана интервенција – потег каков што не е забележан уште од 2011 година.