ПРВ.мк
Свет

Светот беше на раб на нова војна? Трамп откри зошто се откажал од нападот врз Иран

Светот беше на раб на нова војна? Трамп откри зошто се откажал од нападот врз Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ја стопирал планираната воена акција против Иран, но нагласи дека тоа зависи од брзо постигнување договор со Техеран.

Во објава на својата социјална мрежа „Truth Social“, Трамп наведе дека Иран и повеќе земји од Блискиот Исток побарале САД да се воздржат од нападите, бидејќи, според него, веќе биле договорени основните елементи на можен договор.

Тој посочи дека евентуалниот договор треба да опфати повторно отворање на Ормутскиот Теснец и решавање на прашањето со иранската нуклеарна програма. Сепак, нагласи дека американската армија останува подготвена за евентуална интервенција.

„Бевме подготвени и целосно вооружени да дејствуваме против Иран со воена сила каква што не е видена од Втората светска војна“, напиша Трамп.

Според него, одлуката да не се продолжи со нападите е донесена во интерес на глобалната стабилност и иднината на Иран. Засега од иранска страна нема официјална реакција на неговите изјави.

Коментарите на Трамп доаѓаат по информации во американските медиуми дека САД и Израел разгледувале можност за нова воена кампања насочена кон иранската енергетска инфраструктура, тема за која наводно се разговарало и на состанок на неговиот кабинет.

Во меѓувреме, односите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат напнати. Иран претходно предупреди дека секоја држава која ќе соработува со САД може да се соочи со последици, додека американските власти ги повикаа своите државјани во регионот да бидат подготвени за можна ескалација на ситуацијата.