По неколку години во кои претрпеа сериозни загуби, проиранските вооружени групи повторно го зголемуваат своето влијание на Блискиот Исток, оценуваат аналитичари, предупредувајќи дека тоа може дополнително да ги засили тензиите во регионот.
Таканаречената „Оска на отпорот“, мрежа на организации поддржани од Иран, значително ослабе по израелските воени операции што следуваа по нападот на Хамас во 2023 година. Во меѓувреме, израелските сили ликвидираа повеќе високи функционери на Хамас и Хезболах, а беа интензивирани и нападите врз проиранските милиции во Ирак и врз јеменските Хути.
Сепак, според експертите, овие групи не биле целосно неутрализирани. Наместо тоа, тие се реорганизирале и се приспособиле на новите безбедносни услови, а Техеран повторно вложува во нивното зајакнување како дел од својата регионална стратегија.
Аналитичарите сметаат дека овие организации со години претставувале важен елемент во одбранбената стратегија на Иран, бидејќи служеле како средство за одвраќање од директни напади врз иранска територија. По нивното слабеење, Иран се најде под поголем притисок од Израел и САД.
Во последниот период особено внимание привлекуваат јеменските Хути, кои повторно извршија напади врз цели во Саудиска Арабија, како и врз бродскиот сообраќај во Црвеното Море, дополнително зголемувајќи ја нестабилноста во регионот.
Експертите нагласуваат дека иако овие групи имаат поддршка од Техеран, тие не се целосно контролирани од Иран, туку делуваат и во согласност со сопствените политички и воени интереси.
Според нивните проценки, обновената активност на проиранските вооружени организации претставува сериозен безбедносен предизвик и носи ризик од поширока регионална ескалација, со можни последици и за светската економија.










