Шведска утре ќе излезе на парламентарни избори кои би можеле значително да го одредат идниот политички курс на земјата, а едно од клучните прашања е дали крајнодесничарските Шведски демократи ќе направат чекор од парламентарен партнер до директен дел од владата.
Според најновите анкети, партијата има поддршка од околу 19 отсто од гласачите. Шведските демократи, кои имаат корени во неонацистички кругови, во последните години значително го зацврстија своето влијание и од политичка сила која долго време беше изолирана, прераснаа во важен сојузник на десноцентристичкиот блок.
Премиерот Улф Кристерсон најави дека неговата коалиција ќе продолжи да соработува со партијата на Џими Окесон, а доколку десниот блок обезбеди мнозинство, не се исклучува можноста Шведските демократи да добијат и министерски места.
Кристерсон ја брани досегашната соработка, посочувајќи дека таа, според него, придонела за економски раст, намалување на цените на енергијата и храната, намалување на криминалот поврзан со банди, како и значителен пад на бројот на барања за азил.
Имиграцијата и интеграцијата се меѓу главните теми во предизборната кампања. Шведска во изминатите години ги заостри правилата поврзани со престојот, социјалната помош и депортациите, додека бројот на барања за азил падна на најниско ниво во последните четири децении. Шведските демократи бараат дополнително заострување на политиката кон миграцијата и интеграцијата.
„Во Шведска важат шведската култура, шведскиот јазик, шведските закони, шведските норми, шведскиот морал и шведските традиции“, изјави пратеникот на партијата Матијас Карлсон.
Можноста Шведските демократи директно да влезат во владата, сепак, предизвикува загриженост кај дел од јавноста и политичарите. Критичарите стравуваат дека таквиот потег би можел дополнително да ја помести земјата надесно и да има последици врз либералните вредности.
Опозицискиот блок, предводен од Социјалдемократите на Магдалена Андерсон, има тесна предност во анкетите, но разликата се намалува како што се приближува гласањето. Андерсон предупредува дека изборите не се само избор меѓу неа и Кристерсон, туку и одлука за тоа колкаво политичко влијание ќе имаат Шведските демократи во иднина.
Подемот на партијата се вклопува во поширокиот европски тренд на јакнење на крајнодесничарските политички сили. Во изминатите четири години Шведските демократи беа главен парламентарен партнер на владата, а нивното евентуално формално влегување во извршната власт би претставувало дополнителен чекор во процесот на нивна политичка нормализација.
Покрај миграцијата, изборната кампања ја одбележуваат и темите поврзани со трошоците за живот, социјалната заштита, одбраната и поддршката за Украина. Двата главни политички блока ветуваат поголема социјална сигурност и зајакнување на одбранбените капацитети на земјата.
Доколку Андерсон излезе како победник, сепак, ќе ја очекуваат сложени преговори за формирање влада. Четирите опозициски партии имаат различни ставови за прашања како даноците, нуклеарната енергија и составот на идната влада, што може дополнително да го отежне создавањето стабилно парламентарно мнозинство.









