Големиот пожар на хрватскиот остров Брач и понатаму е активен и сè уште не е ставен под контрола. Според првичните проценки на хрватските противпожарни служби, досега огнената стихија зафатила околу 1.500 хектари трева, ниска вегетација, макија и шума.
Во текот на изминатата ноќ огнот се приближил до неколку објекти, но пожарникарите успеале да ги одбранат. Во моментов посебно внимание е посветено и на заштитата на познатиот манастир во пустината Блаца.
Противпожарниот командант на Брач, Никола Мартиниќ, за Хина изјавил дека пожарот се движи кон запад и југозапад, во правец на подрачјето на општина Милна.
Според Противпожарниот оперативен центар на Брач, на теренот се ангажирани околу 190 пожарникари, кои се борат со огнот во подрачјето околу рибникот кај Милна. Во текот на ноќта пристигнала дополнителна помош од пожарникари од Дубровничко-неретванската, Шибенско-книнската и Задарската жупанија.
Во гаснењето се вклучени и три канадери, кои од воздух помагаат во борбата со огнената стихија. Претходно, Хрватската противпожарна заедница соопшти дека во текот на ноќта на теренот биле дежурни 134 пожарникари со 36 возила.
Пожарот избувнал во четвртокот доцна навечер, а неговото гаснење од самиот почеток е отежнато поради силниот ветер, кој постојано го менува правецот и придонесува за брзо ширење на огнот.







