Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавуваат целосен прекин на товарниот сообраќај и блокада на граничните премини кон Европската Унија од 14 септември, доколку во меѓувреме не се најде решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Балканските превозници веќе со месеци предупредуваат на проблемите што ги создава правилото „90 дена во 180 дена“, со кое на граѓаните од земји надвор од ЕУ им се ограничува престојот во Шенген-зоната. Нивното барање е за професионалните возачи да се воведе посебен режим, со оглед на тоа што тие во земјите од ЕУ престојуваат поради работни обврски и меѓународен транспорт, а не за туристички цели.
Во Србија блокадата на граничните премини веќе е потврдена, а во најавената акција се приклучуваат и превозниците од Македонија, БиХ и Црна Гора.
Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ, вели дека превозниците не сакаат да дојде до блокада, но дека транспортните компании веќе се соочуваат со сериозен недостиг на возачи кои имаат право да влегуваат и да престојуваат во ЕУ.
Според него, граничните контроли се дополнително заострени, па возачите се враќаат дури и доколку го надминале дозволениот престој за само еден ден.
„Практично остануваме без возачи и самите сме блокирани, бидејќи не можеме да работиме“, изјавил Мандиќ.
Тој признава дека евентуалната блокада ќе предизвика финансиска штета и за самите превозници, но смета дека без дополнителен притисок проблемот нема да биде решен доволно брзо.
Најавите за блокада доаѓаат по протестите што транспортните здруженија ги организираа на 31 август пред претставништвата на ЕУ во Скопје, Белград, Сараево и Подгорица. Македонските превозници тогаш предупредија дека доколку не се најде привремено решение, следниот чекор ќе биде блокирање на границите.
Евентуалниот целосен прекин на товарниот сообраќај кон ЕУ би можел да предизвика сериозни последици за транспортниот сектор и економијата, вклучително и доцнење на испораките, дополнителни трошоци за компаниите и нарушување на синџирите на снабдување.







